Site news

IEEE Предавање - Говорни технологии во CAPT - потсетување

IEEE Предавање - Говорни технологии во CAPT - потсетување

by e-kursevi admin -
Number of replies: 0

Почитувани колеги,

    Ова е потсетување за утрешното предавање „Говорни технологии во CAPT (Computer Assisted Pronunciation Training)”, што ќе го одржи д-р Иван Краљевски. Во него ќе бидат презентирани светските достигнувања во асистивните говорни технологии за учење на нови јазици и подобрување на изговорот.
    Поради закажаната одбрана на докторат предавањето ќе биде поместено половина час порано и ќе почне утре, 30.03.2016 од 11:30 часот, во салата за состаноци на ФЕИТ.
    Предавањето е во организација на македонската секција на IEEE (здружениот оддел SP/EMB). Во продолжение и во прилог е апстрактот од предавањето и кусата биографија на предавачот.

Со почит,
Бранислав Геразов
Претседател на здружениот оддел за SP/EMB

Тема: „Говорни технологии во CAPT (Computer Assisted Pronunciation Training)“

Предавач:
д-р Иван Краљевски

Датум:
30.03.2016
Време:
12:00
Просторија:
Сала за состаноци ФЕИТ

Апстракт: CALL (Computer Assisted Language Learning) е една област во којашто говорните технологии имаат значајна примена во подобрување на квалитетот на живот на луѓето и социјалната инклузија. Се разбира, CALL апликациите не можат целосно да го заменат присуството на наставникот и непосредната работа со учениците при изучување на странски јазици. Сепак, во голема мерка можат да помогнат при совладување на специфични проблеми, како на пример, подобрување на изговорот. CAPT (Computer Assisted Pronunciation Training) апликациите претставуваат специјално развиен софтвер кој користи говорни технологии за да ги детектира и посочи проблемите во изговорот. И тоа, не само при совладување на одреден странски јазик, туку и за сите оние коишто имаат потреба да го подобрат изговорот на својот мајчин јазик (јавни личности, ТВ водители, лицата со попреченост во говорот итн.). Говорните технологии и алгоритми имплементирани во таков CAPT систем вршат анализа на квалитетот на изговорот на субсегментално и супрасегментално ниво, соодветна аудио-визуелна презентација на потенцијалните проблеми, како и давање на совети за подобрување. Централното место го зазема систем за автоматско препознавање на говор трениран на целниот (L2) јазик, со кој се пресметува GOP (Goodness of Pronunciation) мерка за секоја фонема. Покрај тоа, квалитетот на интонацијата се анализира преку споредба на прозодиските обележја со референтни говорни секвенци. На крајот корисникот на CAPT системот добива јасна аудио-визуелна претстава за проблемите во изговорот на кои треба да посвети внимание.


Кратка биографија на предавачот:

Д-р Иван Краљевски дипломирал на Електротехничкиот Факултет во Скопје во 1997 г., а магистрирал 2000 г. на истиот факултет. Докторирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2004 г. Работел на повеќе високообразовни институции во Македонија. Во 2011 година е ангажиран како научен соработник од страна на Институтот за Акустика и Говорни технологии на Техничкиот Универзитет во Дрезден, Германија. Од октомври 2013 г., работи како инженер за развој на говорни апликации во фирмата „voice INTER connect GmbH“ со седиште во Дрезден. Учествува во повеќе комерцијални и научно-истражувачки проекти за обработка на говор и аудио, препознавање и синтеза на говор, препознавање на говорници, проценка на квалитет на говор, моделирање на дијалози, и друго. Тековно, неговиот истражувачки интерес е насочен кон развојот на говорни апликации за јазици со минимални или непостоечки електронски ресурси. Има објавено повеќе трудови на меѓународни научни конференции и списанија.