Code@FEIT 2019 е воведен курс за програмирање кој традиционално по петти пат оваа година ќе биде организиран од Институтот за компјутерски технологии и инженерство при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Курсот е првенствено наменет за идните (ново-запишани) студенти на ФЕИТ без претходно програмерско искуство, како и за сегашни студенти на ФЕИТ кои сметаат дека би имале корист од посетување на курсот, но исто така и за сите оние кои би имале желба да се запознаат со основите на програмирањето.
Во пет работни денови со четири часа активности, слушателите на курсот ќе имаат можност да се запознаат со основите на програмирањето и дизајнирањето алгоритми. Во текот на предавањата, преку интерактивна настава слушателите ќе се здобијат со почетни и практични знаења од областа на програмирањето и преточувањето на проблемите во алгоритми, а потоа во програмски код.
Целта на Code@FEIT 2019 е да покаже нов пристап кон програмирањето и да ги мотивира младите да учат да програмираат и да креираат софтверски апликации. Курсот е наменет за сите заинтересирани без разлика на старост, претходни познавања и професионална определба, секако со одредено ограничување на бројот на слободни места.
Code@FEIT 2019 е организиран од Институтот за Компјутерски технологии и инженерство (КТИ) при ФЕИТ, во соработка со Факултетскиот компјутерски центар – ФЛАОП. Наставата целосно ќе биде покриена од наставниот и соработнички кадар на Институтот за КТИ. Курсот ќе се одвива во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, секој работен ден почнувајќи од 23‐ти Септември 2019 до 27‐ти Септември 2019 година.
За подетални информации за Code@FEIT 2019 посетете ја web страната на ФЕИТ https://www.feit.ukim.edu.mk или на e‐mail: codeatfeit@feit.ukim.edu.mk.